Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека целосно е реконструирано и пуштено во употреба одделението за Трауматологија во старата Градска болница.

Тој упати честитки до раководството и медицинскиот кадар за подобрувањето на условите за третман на пациентите.

Мицкоски се осврна на децениското запуштање на објектот и чекорите за негова санација:

„Од 65-та наваму шајка не е закована, така што еве полека но, сигурно почнуваме да ги реализираме тие приоритети. За жал не можеме преку ноќ сето она коешто со децении било уништувано да го исправиме, но еден по еден приоритет ги решаваме.“

Претседателот на Владата истакна дека вложувањата во здравствениот сектор продолжуваат со засилено темпо.

Тој посочи дека годишниот буџет за оваа намена веќе надминува една милијарда евра:

„Така што, и во периодот којшто следи здравството ќе биде еден од врвните приоритети во работата на Владата. Ќе продолжиме да инвестираме. Веќе Буџетот надминува една милијарда евра годишно, кој што се инвестира во здравството. Имаме планови, имаме развојни проекти, кои во периодот што следи ќе почнат да се реализираат. Така што, ова е веќе во низа инвестиции во здравството коишто ги имавме овие две години. Во периодот којшто следи ќе имаме уште неколку вакви проекти.“

На крајот, Мицкоски изрази благодарност до сите кои учествуваа во реализацијата на овој инфраструктурен проект.

тој додаде дека Владата ќе продолжи доследно да ги спроведува зацртаните приоритети во здравствениот систем:

„Генерално би сакал да им честитам на сите коишто се вклучени во реализирањето на овие проекти, на министерот, порано како директор во Фондот за здравство, на здравствените работници, затоа што нас ни се овие проекти приоритетни и во таа насока ќе продолжиме да се движиме.“

Exit mobile version