Пукање во Германија: Му побарале да стави маска, па го застрелал работникот во глава

Дваесетгодишен работник на бензинска пумпа во Германија бил застрелан откако побарал од клиент да стави маска на лицето.

Работникoт на бензинската пумпа во градот Идар-Оберштајн  го загуби животот по расправија со клиент за мерките против коронавирусот, објави полицијата во понеделникот.

Според полицискиот извештај, осомничен е 49-годишен маж.

Се наведува дека човекот влегол во бензинската пумпа без маска за лице, а 20-годишниот работник го замолил да ги почитува мерките. Двајцата наводно се скарале, поради што човекот без маска си заминал.

Меѓутоа, тврди полицијата, мажот се вратил еден час подоцна. Овој пат носел маска, но ја симнал и двајцата мажи почнале нова расправија.

Осомничениот потоа извадил пиштол од џебот и го застрелал 20-годишникот во главата. По инцидентот, осомничениот побегнал пеш.

Полицијата набрзо пристигнала на местото на настанот и почнала потрага по човекот. Меѓутоа, следниот ден 49-годишникот влегол во полициската станица и го признал делото.

Осомничениот, наводно, ѝ рекол на полицијата дека е против ограничувачките мерки против коронавирусот и е многу вознемирен од ситуацијата со пандемијата на коронавирус.

Како што изјавил, се чувствувал како да бил турнат во ќор-сокак и „не видел друг излез“ освен да даде пример. Осомничениот ја сметал жртвата за „одговорна за целата ситуација, затоа што ги почитувала правилата“.

Градоначалникот на Идар-Оберштајн, Франк Фрухауф, изрази шок и изненадување од злосторството.

„Ова е прилично незамислив, ужасен чин што се случи овде во Идар-Оберштајн. Такво злосторство е без преседан. Ќе ни треба време да се помириме со тоа“, рече тој.

21.09.2021 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа