Протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ против неправди, реваншизам и политичко насилство (ВИДЕО)

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протестен марш насловен како „Протест против неправди, реваншизам и политичко насилство“.

Поддржувачите на партијата маршираа од пред зградата на Министерството за правда до Основниот суд 1.

 

По пристигнувањето пред судот се обратија адвокатката Ружица Николовска, пратеникот Игор Дурловски и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека власта им се реваншира на поддржувачите на најголемата опозициска партија, и критичарите на владините политики.

-Ги распределиле од Скопје да работат во рудник во Кичево зашто пишувале критички статуси против власта. Избркале самохрана мајка зашто требале да вработат партиски војник. Избркале жена пред пензија за да има работа за децата на функционерите. Има брутални притисоци и кон припадниците на Министерството за внатрешни работи, професионалните војници. Се врши реваншизам кон овие луѓе зашто не се покоруваат. Сакаат да бидат професионалци. Не можат и одбиваат да бидат соработници на мафијашите и мафијата, рече Мицкоски.

Опозицискиот лидер вели СДСМ во изминатите четири години не промениле ништо, туку само ветуваат дека таа ќе стигне.

-До кога ќе ја чекаме правдата. 30 години на овој народ му поминаа во некакво чекање. Доста е веќе со празни ветувања, треба да се делува. Народот бара дела. Одбиваме да ги потрошиме нашите животи во чекање, рече Мицкоски.

Посочи дека сегашната владејачка гарнитура не треба да се плаши од одмазда, туку од правда.

-Таа ќе ги стигне сите, порано или подоцна, рече Мицкоски.

Дурловски, пак, рече дека не сака држава на политички прогон.

-Сето она што се случи по 27 април 2017 година ќе остане длабоко врежано во нашата колективна меморија, како пример за сериозна злоупотреба на власта и моќта во справувањето со неистомислениците и политичкото насилство во киднапирањето на државата и погазувањето на сите закони. Во ништењето на Уставот, паралелно со ништењето на човечките судбини, само за моќ, влијание и интерес. Се обидоа да не замолчат, да не понижат, да ни ги одземат елементарните човекови права. И може да земат многу работи, може да ни земат речиси се - но никогаш нема да ни ја одземат слободата за која секогаш ќе се бориме. Никогаш нема да ни го одземат достоинството, храброста и правото да ја зборуваме вистината. Никогаш нема да ни го одземат правото да кажеме „Македонија“, рече Дурловски.

Вели дека вистината ќе излезе на површина, како што и досега излегле сите однапред договорени агенди и пактови за, како што рече, разнебитување на нашата држава за кои предупредувавле во минатото

-Денес во Македонија се применува сила против свеста, сила против животот, насилство против волјата на секој оној што мисли поинаку. Затоа, драги пријатели, ова мое денешно обраќање пред вас, сакам да им го посветам на нашите браќа кои се во македонските затвори. Неправедно обвинети, неправедно осудени. Можам да ветам, дека ќе ги искористам сите законски, демократски инструменти да се дознае вистината! Како што се борев за својата вистина и својата правда, која е вистина и правда за сите нас, така ќе се борам до крај за неправедно затворените, политички прогонуваните. Задоцнетата правда е голема неправда, но сигурен сум дека ќе дојде денот кога македонските патриоти ќе ја дочекаат истата. Македонскиот код е неуништлив! Нека ни е вечна Македонија! Да сте ми живи и здрави, рече Дурловски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.09.2020 - 21:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега