Просечната месечна исплатена нето-плата во Македонија за ноември 2025 година изнесувала 45.961 денар, што претставува пораст од 9,4% во споредба со истиот месец претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем скок на платите е забележан во секторот административни и помошни дејности, каде примањата пораснале за дури 16,5%. Потоа следуваат здравството и социјалната заштита со раст од 11,1%, како и трговијата со 10,9%.
Статистичарите забележуваат благ пораст и во однос на октомври истата година, при што платите во јавната управа и одбраната пораснале за 3,5% за само еден месец. Просечната бруто-плата за ноември, пак, изнесувала 69.141 денар.

