Две угинати птици од видот мршојадец, кои се класифицирани како редок и строго заштитен вид во Македонија, биле пронајдени вчера претпладне во кавадаречкиот регион.
Според официјалните информации од Секторот за внатрешни работи – Велес, случајот бил пријавен вчера во 11:25 часот во ОВР – Кавадарци од страна на претставник на Македонското еколошко друштво (МЕД). Птиците биле лоцирани во атарот на кавадаречкото село Гарниково.
Веднаш по пријавата, на терен излегла увидна екипа од ОВР – Кавадарци. Со цел расчистување на случајот и утврдување на точните причини за угинувањето, спроведена е координирана акција во која се вклучиле и државен инспектор за животна средина, претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и претставници од МЕД.
Угинатите птици се безбедно подигнати од локацијата и се транспортирани на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, каде што ќе им биде извршена детална обдукција.


