Промовирана Стратегија за образование 2018-2025

 

Крајната цел на Стратегијата за образование 2018-2025 е инвестирање во учениците, студентите, во млади интегрирани поединци кои ќе бидат слободни во изразување на автентичноста, оригиналноста, идентитетот и креативноста. Ова на денешната промоција на Стратегијата го истакна министерката за образование и наука Рената Дескоска.

Во Стратегијата, која беше усвоена на почетокот на годинава, се лоцирани клучните предизвици на македонскиот образовен систем, почнувајќи од градинките, училиштата, се до универзитетите. Со оваа Стратегија донесен е и Акциски план за реализација со предвидени конкретни рокови и очекувани резултати. Процесот на подготовка на Стратегијата беше во целост финансиран и поддржан од ЕУ. 

- Како прв столб на образовниот систем Стратегијата го поставува токму предучилишното образование, свесни дека инвестирањето во оваа област ја засилува социјалната кохезија и го овозможува идното целосно развивање на потенцијалите на секое дете, рече Дескоска. Додаде дека одредени делови на Стратегијата се веќе реализирани, а дел се во фаза имплементација. 

Министерката Дескоска потсети на новиот Закон за основно образование, на мерките што се предвидуваат во средното образование, на Законот на високо образование...

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека Стратегијата треба да биде главна алатка за надминување на насобраните проблеми во сите области во образованието.

- Квалитетот во образованието прво и основно бара инвестирање во наставниците. Бара и наставни планови што се релевантни за пазарот на трудот, не само локално туку ширум Европа и на меѓународно ниво, рече Жбогар. 

 

 

 

21.05.2018 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа