Промена на цените на горивата - Анѓушев вели државата будно ќе ги следи состојбите

Нема ценовен шок за купувачите од времената либерализација на пазарот на нафта и нафтени деривати поради правниот вакуум предизвикан со не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов заради што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ги определува цените.

Трговците со нафта и нафтени деривати не ја злоупотребија можноста што им се пружи и ги намалија малопродажните цени на бензините за еден денар по литар, а ја покачија цената на дизелот за половина денар и на екстра лесното масло за домаќинствата за два денара по литар.

Од вчера бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по цена од 71 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 чини 73,  ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) 64, био-дизелот 65, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) 54 денари за литар.

Трговците со нафта и нафтени деривати постапија коректно што не ги зголемија малопродажните цени на бензинските пумпи, порача вчера вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

-Цените што нафтените компании ги дефинираа на пазарот, односно на нивните бензински пумпи се исти или слични какви што би биле и по методологијата што до скоро се применуваше. Што значи дека тие направија еден коректен пристап кон пазарот и не ги зголемија цените, иако пазарот во овој период е либерален, се до донесувањето на методологијата, оцени Анѓушев.

Според него, добро е што трговците ги правеле пресметките по старата методологија, иако во моментов има либерализиран пазар. Тој сепак најави дека државата будно ќе ги следи состојбите и ќе спречи било каква можност за поголемо зголемување на цените на горивата.

-Државата единствено ќе направи „цена на плафон“ значи максимална цена, со цел да ги заштити граѓаните од евентуалното монополско здружување што не можам да кажам дека постои, посочи Анѓушев и нагласи дека компаниите коректно ги поставија своите цени на нафтените деривати.

Слични цени како што испорачаа трговците завчера предвиде и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски кој посочи дека движењата на цената на нафтата на светскиот пазар во изминатите две недели и курсот на доларот во однос на денарот укажуваат дека треба да има благо намалување на цената на бензините и благо зголемување на цената на дизел горивата. Тоа, како што кажа, ќе се случело и доколку се применела досегашната методологија за определување на цените на нафтата и нафтените деривати.

РКЕ не беше во состојба да ја примени старата методологија, бидејќи на 8 мај годинава истече Анексот „Д“ од Договорот за купопродажба на ОКТА со кој беше определена методологијата преку која во последниве дваесетина години Регулаторот ја определуваше највисоката малопродажна цена на нафтата и нафтените деривати во земјава на секои две недели.

Новата методологија е во завршна фаза на изработка и само се чека новиот претседател на државата Стево Пендаровски да ги потпише измените на Законот за енергетика по што РКЕ веднаш ќе одржи подготвителна и главна седница на која ќе го усвои овој подзаконски акт. Бислимовски очекува тоа да се случи најдоцна до понеделник по што РКЕ секој понеделник ќе ја определува малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.05.2019 - 07:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега