Во судницата во затворот Идризово денеска продолжува судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште е предвидено своите воведни зборови да ги даде одбраната на Александар Нацев, за кого Обвинителството тврди дека дејствувал како неформален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, како и правните лица вклучени во случајот.
Досега сите обвинети се изјаснија за невини за трагедијата во која животот го загубија 63 лица. Обвинителот Борче Јанев во своето воведно излагање претходно порача дека ова не е само потрага по одмазда, туку по институционална одговорност за објект кој со години работел без соодветни контроли и дозволи.
„Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи. Трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во смртоносна стапица“, истакна обвинителот Јанев.
Од друга страна, одбраната на претходно сослушаните обвинети, вклучително и сопственикот Дејан Јованов и поранешни локални и државни функционери, тврдат дека обвиненијата се градат врз претпоставки и дека вината лежи во институционалните пропусти, а не во индивидуалните постапки на обвинетите.

