Приведени Миленко Неделковски и Александар Пандов

МВР соопшти дека синоќа во 22:00 часот во СВР Скопје во угостителски објект на ул.„6“ во село Стајковци, сопственост на С.П. и А.П. (52), биле приведени 18 лица поради непочитување на мерките за заштита.

„На 26.02.2021 во 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека угостителски објект на ул.„6“ во с.Стајковци, сопственост на С.П. и А.П. (52), работи и во него има гости. Полициски службеници во содејство со Државен пазарен инспекторат извршиле контрола при што во објектот биле затекнати 18 лица кои се приведени во Полициска станица Гази Баба за понатамошна постапка, поради непочитување на мерките за заштита на здравјето од ковид-19. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, информираше МВР.

Во угостителски објект приведени биле новинарите Миленко Неделковски, Александар Митовски (Инфомакс), но и претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов.

Новинарот Неделковски на Фејсбук ги искоментира пишувањата во медиумите.

„Реално, многу јака забава беше“, напиша тој.

Пандов за „360 степени“ потврди дека вчера заедно со Неделковски и Митовски биле на прослава по повод пензионирањето на Неделковски. Според него, во 21:25 часот тие веќе заминувале од локалот, но ги пресретнала полицијата и ги повикала да дадат изјави во полициската станица во Гази Баба.

„Точно е дека јас и мојата партнерка бевме во локалот по повод пензионирањето на Неделковски. Јас на себе немав часовник, но мислам дека беше околу 21:25 часот или можеби и 21:30 часот и веќе бевме надвор пред локалот кога полицијата нè повика да отидеме да дадеме изјава. Беа сосема коректни во односот, ние отидовме дадовме изјава и тоа беше тоа. Јас првпат влегувам во полициска станица, претходно сум немал вакво искуство“, изјави Пандов.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2021 - 13:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа