Швајцарските обвинители денеска соопштија дека е одреден притвор за еден од сопствениците на барот „Ле Констеласион“ во ски-центарот Кран-Монтана, кој изгоре во новогодишната ноќ. Во пожарот загинаа 40 лица, а локалните медиуми јавуваат дека налогот за апсење е веќе извршен.

Обвинителството води истрага против сопствениците, француските државјани Жак (49) и Џесика Морети (40), под сомнение за сторени кривични дела кои вклучуваат убиство од небрежност. Притворот за Жак Морети е одреден поради опасност од бегство, откако семејствата на жртвите поднесоа тужби против сопствениците.

Повеќе од половината загинати се тинејџери, а уште 116 лица се повредени, многумина во тешка состојба.

Брачниот пар преку своите застапници изрази жалење за трагедијата и најави целосна соработка со истражните органи. Швајцарските власти денешниот ден го прогласија за Национален ден на жалост.

Exit mobile version