Британскиот принц Хари денес за време на посетата на Австралија изјави дека сака да биде подобар родител од својот татко, британскиот крал Чарлс III, нагласувајќи дека секоја генерација треба да го подобри начинот на кој се воспитуваат децата.
Хари, пишува британски Телеграф, нагласи дека нема намера да ги критикува своите родители, вклучително и Чарлс, но дека верува дека секоја генерација треба да го подобри искуството на родителството.
„Родителството се развива со текот на времето. Децата нè подобруваат“, рече принцот, додавајќи дека современите услови, како што се социјалните мрежи, носат нови предизвици што не постоеле порано.
Тој повтори дека сака да го прекине циклусот на „генерациска болка“, нагласувајќи дека нема вина или осуда во начинот на кој родителите ги воспитуваат своите деца.
Хари, исто така, зборуваше за важноста на менталното здравје, наведувајќи дека терапијата во Велика Британија и САД му помогнала да се справи со проблемите од неговото минато.
„Тоа е знак на сила, а не на слабост“, рече тој, повикувајќи ги луѓето да побараат помош пред да се соочат со сериозни кризи.
Зборувајќи за татковството, Хари рече дека тоа е „најважната трансформативна улога“ во животот на еден маж, додавајќи дека тоа му дава чувство на цел и одговорност.
Тој рече дека за време на бременоста на неговата сопруга Меган Маркл, водел дневник и дека првично чувствувал одредена дистанца од својот син Арчи, но дека советите од терапевт му помогнале да ја пронајде својата улога во поддршката на семејството.
Кога го прашале за советите за новите татковци, тој рекол дека тие „не се сами“ и треба да прифаќаат емоционални предизвици без да се осудуваат себеси.


