Документарниот филм The Tale of Silyan на Тамара Котевска триумфираше на 41. издание на IDA Documentary Awards во Лос Анџелес, освојувајќи ги наградите за најдобар документарен филм и за најдобра камера.

„Ова е мојот најличен филм досега. Го посветувам овој успех на сите документарни воини ширум светот“, изјави Котевска по доделувањето.

Наградата за најдобра камера ја доби Жан Дакар (Jean Dakar), чија кинематографија создава силен визуелен јазик и несомнено го засилува артистичкиот израз на филмот.

IDA признанијата се сметаат за едни од највлијателните во светот на документарниот филм и често се показател за потенцијален успех на Оскарите. Овој триумф го зацврстува патот на „Силјан“ за претстојната оскаровска сезона – потесниот избор ќе биде објавен на 16 декември, а финалните номинации на 22 јануари 2026 година.

Откупен од National Geographic Documentary Films, филмот веќе предизвикува големо меѓународно внимание и го позиционира македонското документарно творештво на светската филмска мапа.

Exit mobile version