Пријателка на Владо Јаневски која е потпишана како Фросина Фро на социјалните мрежи, покажа како изгледал неговиот дом во Гевгелија, каде тој си го наоѓаше мирот, и напиша трогателна објава за него.
-Гевгелија, негде околу нова година и поглед од твојот дом, твоето царство кај што ти беше најтопло, најубаво.
“Над Кожуф златна светлина се раѓа, Вардар шуми место будилник, мојта перница ко да е лаѓа, на неа плови твојот убав лик … Прекрасен ден, ти мораш негде, а јас те гушкам посилно …” Така некако те инспирираше твојот нов дом за убавите стихови… Тука “Амадеус” го гледавме два пати, оти еднаш не беше доволно за твоите уметнички сензори кои на секое гледање нешто ново откриваа. Тука ти раскажав за Мајсторот и Маргарита, а ти беше пријатно изненаден дека го читам Булгаков, па ми го пушти и филмот да го гледаме. Тука, јас со моето турско кафе, а ти со твојата вода негазирана зборувавме и за Антони Де Мело, Ошо, Екарт Тол и двете негови книги кои ми ги даде на подарок,: “Нова Земја” и “The power of now”. Тука се развиваа дискусии за човечката душа, за човечката психа и сè она кое животот го носи, а ние луѓето не го спознаваме оти сме заспани, на што ми ја предложи “Будење” од Антони Де Мело и повторно на твое изненадување кога ти реков дека сум ја читала, започнавме дискусија кој што разбрал од книгата. Па ми кажа дека таа книга случајно дошла во твоите раце кога си живеел во Москва и ти го сменила животот. Тука ми кажа дека избегнуваш луѓе со плитки, рекла – казала муабети, дека те иритираат празни разговори од типот како си, што правиш и затоа твојот круг на луѓе беше сведен на минимум. Сакаше длабоки, инспиративни разговори каде соговорниците можат да учат еден од друг и така заедно да растат. Велеше дека многу ретко среќаваш такви луѓе. Ти велев дека јас уште поретко. И знаевме и двајцата дека ова пријателство е реткост како бисер нижен цели 17 години. Во свет базиран на ниски страсти и материјализам, нашата духовна поврзаност ќе беше неразбирлива за овој површен свет. Ти беше таков посебен, велеше дека ретките бираат ретки. А реткост беше човек да ја запознае твојата душа. Ти ме пушти да влезам низ твоите ѕидини високо издигнати околу твојата нежна душа. Ја симна твојата маска со која гумеше ароганција пред светот и така се бранеше и ми дозволи да го видам вистинскиот Владо. Ти благодарам душо најмила, напиша пријателката на Јаневски.
Тој ќе биде погребан денеска на Гробиштата во Бутел, откако почина по кратко боледување на 66. години.


