Прибе: Независни политичари услов за владеење на правото
Сите земји од Западен Балкан се соочуваат со стандардите за владеењето на правото. Понекогаш се потребни промени во законодавството, а за тоа треба независни политичари кои ќе направат соодветни реформи, рече правниот експерт од Европската комисија Рајнхард Прибе денеска говорејќи на меѓународната научна конференција „Доброто владеење и владеењето на правото од перспектива на ЕУ интеграциите“.
Според Прибе, услов за владеење на правото во земјава се независни политичари, кои треба да имаат волја за да го имплементираат.
-На таков начин правниот систем ќе може да воспостави независност. Без демократско управување, не може да постои ниту владеењето на правото, вели Прибе.
Вицепремиерот Бујар Османи рече дека владеењето на правото е воздух без кој не се може во едно општество.
-Владеењето на правото е едно од фундаменталните принципи за започнување на преговорите со Европската Унија, за прогрес на патот кон Унијата, нешто што е многу важно за развојот на државата и општеството внатре, истакна Османи.
Денешната конференција, како што рече тој, е можност за Прибе, кој во 2015 и 2016 година ги даде првите извештаи и препораки за владеење на правото, да се направи рекапитулација, односно едно последно тестирање пред големата октомвриска одлука на ЕУ.
-Убеден сум и можам да најавам дека октомври ќе биде историски месец за Република Северна Македонија, бидејќи сосема заслужено ќе добие датум за започнување преговори со ЕУ, рече Османи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа