Центар за истражување и креирање политики, во соработка со Фондација Конрад Аденауер, денеска организира настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.
На настанот ќе биде презентиран Индексот за конкурентност и иновации на Западен Балкан, кој нуди компаративна анализа на состојбите и потенцијалите за развој на иновации и конкурентност во регионот, како и препораки за подобрување на јавните политики и поттикнување одржлив економски раст.
Според организаторите, се очекува учество на претставници на институции, креатори на политики, меѓународни експерти, бизнис-заедницата, академскиот сектор и граѓански организации, со цел отворање поширока дебата за клучните фактори што влијаат врз иновацискиот развој во регионот.
Во фокусот на дискусијата ќе бидат иновациите како двигател на економскиот раст и продуктивноста, дигиталната трансформација, инвестициите во истражување и развој, улогата на локалната самоуправа во создавање иновациски екосистеми, како и можностите што ги нудат европските политики и инструменти за поддршка на иновациите.
Свое обраќање на настанот најавено е од Стефан Андоновски, Златко Перински, Даниел Браун, Марија Ристеска, Стивен Езел, Јелена Јаневска и Кристијан Трајковски.


