Претседателот Иванов ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2018/2019.

 „Студирајќи, тие градат и лични односи со своите грчки колеги со кои комуницираат без посредство на политичките елити и искривените медиумски перцепции. Со ваквите проекти создаваме нова генерација млади кои нема да бидат оптоварени со предрасудите од минатото. Генерации кои ќе стекнуваат меѓусебна доверба преку меѓусебно почитување и прифаќање“, рече претседателот Иванов.

 Оваа иницијатива преку која Грција инвестира во младите луѓе од Македонија, посочи македонскиот претседател, е позитивен пример за соработка и градење доверба меѓу македонското и грчкото општество, наспроти потпишаната меѓувладина Спогодба која е асиметрична и со која се негира нашето човечко достоинство.

 „Ако единствениот начин да се задоволат барањата на официјална Атина е со наметнати мерки кон македонската страна,  она што добиваме се односи без доверба и без општествен капитал“, истакна македонскиот претседател. 

 Грчкото и македонското општество, додаде Иванов, треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики што ги разделуваат. „За да имаме вистински, траен и одржлив договор, потребен ни е дијалог, наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, доверба, наместо сомнеж“, рече Претседателот Иванов.

 

 

 

14.09.2018-16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега