Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот за 2025 година.
Амбасадорот Рокас ги нотираше главните проблеми со коишто се соочуваме, како и очекуваните промени.
Соговорниците констатираа недостаток на прогрес во владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и судството, истакнувајќи ја потребата од максимални напори за реформи во овие области.
На средбата беа поздравени позитивните резултати во рамките на Планот за раст, реформата на јавната администрација, како и успесите во Кластерите 3,4,5 и 6.
Сиљановска-Давкова имаше забелешки на дел од констатациите во Извештајот коишто се однесуваат на Кластерот 1. Таа, исто така, укажа на потребата евалуацијата да биде заснована врз Копенхагенските критериуми, а не врз политичките услови со коишто се соочуваме две децении.
За амбасадорот Рокас, сегашниот момент е најдобриот за храбри и одлучни чекори во реформите, заради отворено изразената волја на лидерите на ЕУ за поддршка и помош на македонската евроинтеграција

