Апелациониот суд во Гостивар ги преиначи пресудите за пожарот во тетовската модуларна болница во кој животите ги загубија 14 лица. Наместо првично досудените година и половина, двајцата поранешни директори, Флорим Бесими и Артан Етеми, сега се осудени на по три години ефективна затворска казна.
Судиите од повисокиот суд ги одбиле жалбите на обвинетите и ги уважиле барањата на Обвинителството за построги санкции. Со оваа одлука, поранешните раководители на Клиничката болница ќе мора да отслужат двојно поголема казна за тешки дела против општата сигурност. Дополнително, на правното лице му е изречена зголемена парична казна во износ од 1.300.000 денари.

