Новата бугарска влада, предводена од премиерот Румен Радев, нема намера да продолжи со испраќање на воена помош за Украина, соопшти официјално бугарскиот министер за одбрана, Димитар Стојанов.

Оваа одлука означува промена во досегашниот курс на официјална Софија во однос на војната во Украина.

„Време е да седнеме на преговарачка маса. Време е да се бара праведен мир што ќе го одредат двете страни“, рече Стојанов на прес-конференција, според Бугарското национално радио (БНР).

Ваквиот чекор доаѓа како директна последица на неодамна завршените парламентарни избори во соседна Бугарија.

Промената на политиката доаѓа по парламентарните избори одржани на 19 април, на кои победи политичката опција предводена од Радев, долгогодишен критичар на воената помош за Киев.

Според ставот на бугарското Министерство за одбрана, конфликтот е влезен во фаза каде вооружувањето веќе нема стратешко влијание врз воените дејствија.

„Снабдувањето дополнително оружје ќе доведе само до нови човечки жртви без да се промени ситуацијата на терен“, рече тој.

Досега, како членка на НАТО и ЕУ, Бугарија имаше активна улога во испораката на муниција и опрема за украинските сили.

Бугарија испрати вкупно 13 пакети воена помош од почетокот на руската тотална инвазија на Украина во 2022 година. Софија има големи залихи на оружје од советската ера кое беше компатибилно со опремата на украинските сили.

Оваа објава на бугарските власти коинцидира со обидите на меѓународната заедница за изнаоѓање дипломатско решение за војната.

Exit mobile version