Препукувања и тензии - Власта и опозицијата не се договорија за ЈО

Не е постигнат напредок во разговорите за донесување закон за јавно обвинителство ниту по вчерашната средба на партиските работни групи што се одржа во Собранието. Кусо по почетокот претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата образложувајќи дека бараат на разговорите да биде присутен државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. За власта, ваквата постапка на ВМРО-ДПМНЕ е алиби за бегство од процесот на преговори.

Антонио Милошоски вчера по средбата истакна дека претставници на партијата ќе го продолжат учеството на средби на кои ќе се разговара за закон за јавно обвинителство, само доколку биде присутен обвинителот Јовески.

Во однос на тоа зошто е потребно неговото присуство на ваквите средби, Милошоски истакна дека тој лани во декември имал големи забелешки на разговорите и на Предлог-законот за јавно обвинителство истакнувајќи дека е потребно да се донесе квалитетен закон кој нема да е резултат на политички договарања.

За ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна Милошоски, четвртиот предлог што го добиле од Министерството за правда е добра основа за преговори за стигнување до едно подобрено решение за закон за Јавно обвинителство, но како што најави, забелешки и милења за него ќе достават на средба на која ќе присуствува и државниот јавен обвинител.

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за министерката за правда Рената Дескоска претставува само обид на оваа партија да го одолговлечи процесот и да не ги дадат забелешките, бидејќи, како што вели, во суштина забелешката им е само една, а тоа е прекинување на сите постапки поврзани со незаконското следење на комуникациите.

-Жал ми е што постапија така, но исто така морам да кажам дека беше очекувано нивното однесување имајќи во предвид дека тие едноставно не сакаа да дојдат и пред другите политички партии да го соопштат својот став којшто е практично запирање на предметите од СЈО, рече Дескоска по средбата на партиските работни групи за законот за јавно обвинителство што се одржа во Собранието.

Дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ е само алиби, според неа, говори и фактот дека кога била договарана средбата и нејзиниот формат тие не побарале Јовески да биде присутен.

-Кога  прифатија да присуствуваат на средбата разговаравме за форматот на тоа кој друг би бил поканет на средбата и истакнаа барање да се поканат претставници на Европската делегација и на Амбасадата на САД и тоа барање ние го прифативме и беа поканети. Значи, форматот на средбата кој би бил поканет надвор од пратеничките групи беше договаран пред да почне средбата заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Тие во ниту еден момент не побараа г. Јовески или некој друг да биде присутен, рече министерката Дескоска.

Таа најави дека разговорите ќе продолжат со сите кои се заинтересирани да го поддржат законот и оти власта ќе направи обид да обезбеди двотретинско мнозинство без ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека е некоректно да ја ставиме на коцка иднината на овој закон само во рацете на ВМРО-ДПМНЕ така што продолжуваме да разговараме со сите политички партии во Собранието и пратенички групи со цел да обезбедиме двотретинско мнозинство. Сите се поканети. На сила не можеме да донесеме никого, ниту имаме намера, рече Дескоска.

На вчерашната  средба во Собранието присуствуваа претставници на пратеничките групи, министерката Дескоска, претставници на ЕК во Скопје, на американската Амбасада, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба притив корупцијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.01.2020 - 10:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега