Македонија не е блокирана на европскиот пат поради актуелната власт, туку поради одлуките на претходната влада, која го испрати тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија да потпише протоколи чија содржина, според пратеникот Љупчо Пренџов, била сокриена од македонската
јавност.
Во гостувањето во „НАТКАСТ“ кај Љупчо Цветановски, Пренџов остро ги критикуваше поранешните владини функционери, обвинувајќи ги дека со своите одлуки создале долгорочни пречки за македонските евроинтеграции.
-Нè блокираше нас една влада која испрати министер за надворешни работи, Бујар Османи, во Софија, во едно дождливо претпладне, да потпише протоколи кои ги држеше како државна тајна, истакна Пренџов.
Според него, јавноста немала можност навремено да се запознае со содржината на документите што биле потпишани со Бугарија, а последиците од тие одлуки Македонија ги чувствува и денес.
-Ниту еден медиум, ниту еден даночен обврзник не можеше да види што пишува во тие протоколи. Кога заврши сè и ги видовме протоколите, видовме дека ние сме блокирана држава од страна на Бујар Османи, Зоран Заев, Никола Димитров и Бојан Маричиќ. Тоа е вистината, рече Пренџов.
Тој нагласи дека тогашната опозиција навремено предупредувала за последиците од ваквите договори, но дека владата, користејќи го својот политички мандат, донела одлуки за кои смета дека се спротивни на државните интереси.
-Кога некој добил поддршка на избори и формирал влада, тој носи одлуки, овој пат антидржавни, кои потоа бараат многу години и многу работа за да се исправат, оцени Пренџов. Според него, апсурдно е поранешните носители на власта денес да ја обвинуваат актуелната влада за застојот во евроинтеграциите, иако, како што тврди, токму тие ги прифатиле обврските што го условуваат понатамошниот напредок на
Македонија.
Пренџов истовремено изрази оптимизам дека во Европската Унија би можело да се обезбеди поддршка за промени во начинот на одлучување во пристапните преговори, со што би се ограничила можноста една земја членка самостојно да го блокира напредокот на држава кандидат.
Тој порача дека балканските држави мора да ги надминат меѓусебните историски спорови и блокади, нагласувајќи дека иднината на регионот е во Европската Унија.


