Белгискиот премиер Барт де Вевер упати остра критика кон американскиот претседател Доналд Трамп, споредувајќи го со „гладна гасеница“, во контекст на неговите изјави и закани поврзани со Гренланд.
Како што пренесува белгискиот медиум Метро, де Вевер оцени дека времето за дипломатско убедување на Вашингтон е завршено и дека таквиот пристап веќе станал контрапродуктивен.
„Доста е. Европа мора да се соочи со Доналд Трамп, ‘гладната гасеница’“, изјави белгискиот премиер.
Тој ги повика европските држави сериозно да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети, со цел да бидат подготвени за можноста од американска воена интервенција во Гренланд.
Според де Вевер, дојдено е време дипломатската реторика и апелите да се заменат со конкретни мерки насочени кон заштита на европските интереси.
Овие изјави следуваат по серија провокативни пораки од Вашингтон во врска со статусот на Гренланд. Доналд Трамп претходно го нарече островот „парче мраз“ и јавно побара НАТО да им го отстапи на Соединетите Американски Држави.
Во истиот контекст, американскиот претседател потсети дека во рамките на Алијансата, како што рече, го нарекуваат „тато“, додавајќи дека САД би биле „благодарни“ доколку Гренланд биде предаден, но дека ќе „го паметат“ евентуалното одбивање.
Истовремено, Трамп изјави дека Вашингтон секогаш е подготвен да го брани НАТО, но изрази сомнеж во способноста на Алијансата да им возврати со иста поддршка на САД, што во европските престолнини беше протолкувано како дополнително заострување на односите со сојузниците.

