Преговорите со Македонија и Албанија на дневен ред на министрите на ЕУ

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе разговараат за новата методологија за пристапни преговори предложена од Европската Комисија (ЕК), но нема да носат заклучоци додека не се објават извештаите за реформскиот напредок на Скопје и Тирана.

На дневниот ред на Советот за општи работи на ЕУ денеска се предвидени опширни дискусии за претстојниот лидерски самит и за преговорите за идното партнерство на ЕУ и Обединетото Кралство.

Откако ќе завршат овие дискусии, министрите предвидуваат информациска точка посветена на новата методологија за проширување што ја објави 

Европската Комисија пред неколку седмици. Се очекува да биде повторено дека реформата на оваа методологија треба да се одвива паралелно со отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, но нема да можат да се носат никакви заклучоци сѐ додека земјите членки немаат увид во извештаите на ЕК за реформскиот напредок.

Овие извештаи треба да бидат објавени идната недела, најверојатно помеѓу втори и петти март, според информациите добиени во Советот на ЕУ.

Македонија ги исполни сите формални критериуми, а со носењето на законот за Јавно обвинителство, властите се надеваат дека на маса ќе биде уште еден аргумент во полза на отпочнувањето преговори во текот на оваа година.

Останува неизвесно како ќе се постават Холандија, Данска и Франција, кои се противат на проширувањето засега. Холандија и Данска имаат посебно резерви кон Албанија, но со оглед на тоа дека Франција, но и други земји, одбиваат одвојување на Скопје и Тирана, Хаг и Копенхаген не би имале избор освен повторно да блокираат. Во овој контекст е важно како ќе се произнесе холандскиот парламент по објавувањето на извештаите за реформскиот напредок.

Како и во октомври минатата година, владата на Холандија мора да го почитува ставот на парламентот. Тогаш холандските пратеници се изјаснија за почеток на преговорите со  Македонија, но не и со Албанија, поради што Хаг ги блокираше и двете земји, бидејќи преовладеа ставот дека не може да се одвојат двете кандидатки.

Емануел Макрон подоцна објасни дека одвојувањето на двете земји би било „опасно“ и би имало негативни последици за целиот регион.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.02.2020 - 08:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега