Предадена донацијата од Амбасада на САД за правосудството за справување со Ковид-19

Амбасадорката на САД Н.Е. Кејт Мари Брнз денеска во Јавното обвинителство на Република Македонија ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ). Донацијата со вредност од 35.000 американски долари е наменета како поддршка за намалување на ширењето на КОВИД-19.

„Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Северна Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација“, нагласи амбасадорката Брнз.

Донацијата што ја предаде Амбасадорката на САД Брнз ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд м-р Фаик Арслани, Јавниот обвинител на Република   Македонија Љубомир Јовески и Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.

„Оваа донација доаѓа во вистинско време, во момент кога имаме потреба сите заедно да се бориме против пандемијата на КОВИД-19“, рече Арслани.

„На сите ни е јасно дека само со координиран пристап, солидарност и тесна соработка ќе ја добиеме оваа битка со многу опасниот коронавирус. САД се многупати докажан пријател и поддржувач. Тие се со нас во справувањето со сите досегашни предизвици“, додаде Јовески.

„Оваа донација всушност ќе ни овозможи да продолжиме со интензивно темпо да ги штитиме нашите штитеници и вработените во казнено-поправните установи, за спречување на ширењето на КОВИД-19“, истакна Стојановиќ.

Инаку, во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет,  јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.

Така, Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6.360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.06.2020 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега