Пратениците „заглавија“ во Собрание и по работното време

 

Дискусии, реплики, контра реплики. Собранието и пратениците останаа и по работното време за да ја исцрпат листата на пријавени за говор, по што, треба да гласаат за разрешување на министрите. Ако се види листата на пријавени за говор, може да се заклучи дека од ВМРО-ДПМНЕ сите пратеници имаат што да кажат. Но бидејќи во салата се отсутни пратениците од СДСМ и коалицијата, а има само неколку народни избраници кои се останати, ВМРО-ДПМНЕ побара пауза.

„Бидејќи привршуваме со дискусиите по репликата, барам пауза од еден час за да можат пратениците од мнозинството да дојдат да разговараат и да нѐ убедат за причината поради која сакаат да се разрешат овие министри. Ќе имаме дискусии, ќе зборуваме и сакам да има присутни од оние кои бараат да работи Собранието а не се тука цел ден, а оставени се пет пратеници да дежураат во името на пратеничката група. И како што знае режијата да ја врти камерата кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се отсутни, барам да ја заврти и сега, за да види македонската јавност кој е во сала и што се случува со оваа циркус коалиција. Барам веднаш во моментов да дадете пауза од еден час и да не ја кршите процедурата да давате процедурални“, кажа Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседавачот со седницата, Горан Мисовски дозволи пауза.

„Ви благодарам што непотребно ги зема двете процедурални. Точно од мене бараш да ти дадам пауза, а не од претседателот. Тука давам пауза, продолжуваме со работа во 21-30“, кажа Мисовски.

Седницата е паузирана за да дојдат пратениците од СДСМ и коалицијата.

16.02.2023 - 21:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега