Албанските пратеници се тепаа со обезбедувањето за време на денешната седница на парламентот, викаа, се влечеа меѓусебно и палеа факели во салата.

Инцидентот се случи за време на седницата на која се гласаше за новиот албански народен правобранител (омбудсман), највисокиот функционер задолжен за заштита на човековите права во земјата. Опозициската Демократска партија на Албанија ја обвини владејачката Социјалистичка партија за изборна измама и нарушување на демократијата во земјата, теми поради кои протестира веќе со месеци.

Опозициските пратеници ги кинеа микрофоните и фрлаа шишиња кон претседателот на парламентот, Ника Пелеши, додека тој се обидуваше да обезбеди продолжување на гласањето.

Пелеши ги повика пратениците да ја почитуваат институцијата парламент.

За време на физичките судири со обезбедувањето на парламентот, опозициските пратеници палеа факели, откако одбија да ги напуштат местата на актуелните министри, кои ги зазедоа уште пред почетокот на седницата.

Пратениците држеа транспаренти со слогани во кои премиерот Еди Рама го споредуваа со панамскиот диктатор Мануел Антонио Норијега Морено, нарекувајќи го „Норијега на Европа“.

Едно од главните барања на опозицијата е оставка на заменик-премиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, која ја задржа функцијата и покрај тоа што албанскиот Специјален суд за борба против корупцијата и организираниот криминал (SPAK) издаде налог за нејзино апсење.

SPAK ја обвини Балуку дека се мешала во постапките за јавни набавки во неколку инфраструктурни проекти и го повика парламентот да гласа за укинување на нејзиниот пратенички имунитет. За ова прашање треба да се расправа на претстојна специјална седница. Балуку не одговори на обвиненијата изнесени против неа.

Албанија се смета за предводник меѓу земјите од Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската унија, заедно со соседна Црна Гора. Сепак, меѓународните надзорни тела наведуваат дека земјата и понатаму се соочува со широко распространета корупција и концентрација на власта во рацете на владејачката Социјалистичка партија, која е на власт од 2013 година.

Exit mobile version