Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои беа за уставни измени: „Гласавме по сопствено уверување, не за пари“

Пратениците од опозицијата кои гласаа „за“ уставни измени, негираат дека биле поткупени, за ТВ 21  велат дека гласале според свое убедување и додаваат дека се 24 часа под полициска заштита поради заканите кои ги добиваат.

„Јас со чиста мисла и со храброст и со сите аргументи, одлучив Македонија да го има единствениот пат кон  евроинтеграциите. Иднината за нашите семејства, за нашата држава и за нашите перспективи како Република Македонија, еднаш засекогаш да ставиме крај на поделбите меѓу патриоти и предавници, меѓу Македонци и Албанци. Ние сме едно семејство, кое треба да чекори заедно  кон ЕУ и НАТО интеграции, со полна поддршка на нашите пријатели од Вашингтон.“, вели Сашо Василевски, екс пратеник на ВМРО ДПМНЕ.

„Одбивам секакви шпекулации и инсинуации кои се од компромитирачки карактер. Одлуката е донесена по сопствено убедување. За жал вистинските одлуки не се секогаш популарни, но разумот мора да преовладува. Нашето место е во ЕУ и НАТО. Национално помирување МОРА да има за да продолжиме напред.“, е ставот на Емилија Александрова.

„Категорично ги отфрлам сите тврдења за какви било притисоци. Гласав по сопствено уверување дека треба да се даде шанса на процесот кој ќе ја приближи Македонија кон НАТО и ЕУ, што впрочем е став на секоја политичка структура во Македонија, во изминатите скоро 30 години.“, изјави Нола Исмајловска Старова.

„Наместо да се разбудиме во еден почеток на хаос, Македонија се разбуди со почеток на решавање на кризата. Тоа се вистинските причини за гласањето и нашата одлука е последица на таквите напори донесена без никакви притисоци од било кого туку како наша слободно изразена волја врз основа на политичката одговорност која ја имавме во овој судбоносен момент за нашата држава. Сето останато се шпекулации и смислени клевети кои нема да поминат несанкционирани“, рече Зеќир Рачмиловиќ.

Неколклу часа пред гласањето за уставни измени, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кажа дека на дел од неговите сопартијци им биле упатувани уцени и закани, како и понудено пари за да гласаат во Собранието.

По гласањето, седум пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ беа исклучени од партијата.

 

 

 

 

22.10.2018 - 08:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега