Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше 10 часа - отиде до ВЦ и претседателката од СДСМ ја прекина седницата

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжија со долги говори на седницата на Комисијата за прашања на избори и именувања на која се расправа за изборот на јавниот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија.

Претходното продолжение на седницата завршило во еден часот по полноќ по десетчасовен говор на пратеничката од опозициската партија Бети Стаменковска Трајковска, а денеска продолжи со долга процедурална забелешка на заменик координаторката Ели Панова, која побара стенограми од седницата, но исто така прочита и деловник за работа на Комисијата. Седницата на Комисијата беше прекината и ќе биде дополнително закажана.

Панова побара од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска да бидат обезбедени стенограми од претходното прдолжение на седницата кое завршило во 1 часот по полноќ, и на кое десет часа зборувала пратеничката Стаменковска Трајковска. Панова ја обвини претседателката на Комисијата дека не дала никаква пауза и дека ја прекинала седницата откако пратеничката Стаменковска-Трајковска за кратко ја напуштила седницата. Според Панова, претседателката на Комисијата требала да обезбеди и вода за пратениците, но и доктор и вработени во службите. Панова побара и стенограми од говорот на претседателот на Собранието Талат Џафери од пред повеќе години кога како пратеник долго читаше поезија и молчеше на седница на собраниска Комисија за да се види, како што рече, дали нему му било дозволена пауза.

– Таа рече дека мора да излезе на две минути од салата и го остави вклучен микрофонот и вие ја завршивте седницата, рече Панова, обвинувајќи дека Георгиевска и го одзела правото на говор на Бети Стаменсковска Трајковска и побара таа да продолжи да зборува.

Панова, која најави дека опозициските пратеници ќе имаат долги говори, го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ зошто не го поддржуваат Јовески да стане уставeн судија и најави дека тие колку што можат подолго демократски ќе го одолговлекуваат гласањето за него, сакајќи да спречат тој да стане уставен судија.

-Сметаме дека е одговорен за криминали и афери што тој не ги расчистил, рече таа, додавајќи дека Јовески, но и Татјана Васиќ Бозаџиева, која исто така е предлог на владејачките партии, не смеат да бидат уставни судии.

Заменик-координаторката на ВМРО-ДПМНЕ исто така извади и го прочита Деловникот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата од претходниот состав, за кој рече дека смета дека се уште важи и треба да се применува, а побара и да се води записник од седницата.

Панова забележа дека поголем дел членови на Комисијата, меѓу кои и потпретседателите на Собранието, со денови не дошле на седницата на која се расправа за предлозите на уставните судии.  Георгиевска, според Панова, треба исто така да води евиденција на присутни пратеници и нивни заменици.

Претседателката на Комисијата Георгиевска рече дека за стенограмите од синоќа ќе ги извести службите и оти кога ќе бидат подготвени ќе бидат испратени до пратениците, додека за стенограмите од обраќањето на Џафери упати пратеничката група на опозициската партија да се обрати со барање до генералната секретарка, како и за тоа додека траат седниците да биде обезбедено присуство на лекар. Во однос на Деловникот, кажа дека за тоа што не е регулирано со последниот Деловник на Собранието, се применува стариот деловник на Комисијата. Доколку, некој има забелешки за водењето на седницата, рече дека пратениците имаат право да побараат мислење од Комисијата за мандатно – имунитетни прашања.

– За вчерашната седница, јас ќе повторам со целосна почит кон сите пратеници во ова Собрание, воопшто не смее да се дозволи да се наметне став дека јас сум бесчувствителна и дека не водам сметка за она што се случува во текот на работата на оваа Комисија. Како и вчера така и денеска ќе повторам, зборувате за филинбастеринг, за исцрпувачки говори…Јас и вчера напоменав дека сте свесни дека ќе настапувате со таков начин на дискусии со што сакате да го покажете ваш став околу работите и тоа го почитувам, меѓутоа тогаш бидете подготвени дека тие говори ви се исцрпувачки, рече Георгиевска.

По обраќањето на Георгиевска, имаше повеќе пријави за процедурални забелешки, но таа ја прекина седницата најавувајќи дека пратеницитедополнително ќе бидат известени за продолжението на седницата

16.09.2022 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега