Познатиот поет Хосе Емилио Пачеко пристигна во Македонија

По повод фестивалот Струшки вечери на поезијата кој почнува за два дена во Струга, денеска во Македонија пристигна мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко, Тој е добитник на „Златниот венец“, престижна награда која ќе му биде врачена во недела на поетското читање „Мостови“.

Поради здравствени причини на познатиот поет, откажана е средбата со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска што попладнево требаше да се одржи во Музејот на македонската борба во Скопје.

Пачеко е меѓу најзначајните и највлијателните мексикански поети, со петдецениско творештво кое го издигнува не само во мексиканската литература, на која и припаѓаат и Борхес и Октавио Паз, туку и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван и е добитник на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.

Хосе Емилио Пачеко е роден во 1939 година во Мексико Сити каде што се школувал, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците.

Добитник на наградата „Мостови на Струга“, која за дебитантска книга десет години ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, годинава  е македонската поетеса Николина Андова за книгата „Влезот е од другата страна“. Таа е прв поет од Македонија што ја добива наградата.

Педесет и вториот поетски фестивал свечено ќе  биде отворен на 22 август со меѓународното поетско читање „Меридијани“ во Домот на поезијата во Струга и таму ќе се одржува до 25 август, а во наредните два дена учесниците на СВП ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија. Поетскиот портрет на поетот-лауреат Пачеко ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид на 24 август.

Потврдено е присуството на  околу 50 странски поети, но на фестивалот ќе дојдат и директори на фестивали, на значајни асоцијации, издавачи од Мексико и од регионот бидејќи СВП тежнее да развие широка меѓународна активност поврзана во сите сегменти - од фестивалските случувања до издавачката дејност. 

Во рамки на фестивалот ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала. И годинава ќе ги има стандардните содржини - симпозиум (годинава на тема „Поезијата - војна и мир меѓу јазиците“), промоција на поетски книги од едицијата на СВП „Плејади“, Ноќ без интерпункција...

Во изминатите пет децении фестивалот Струшки вечери на поезијата го посетиле над пет илјади есеисти и критичари, а 47 поети го добиле  највисокото признание „Златен венец на поезијата“. 

20.08.2013 - 14:39

најчитано сега