Пожарникарите од Кочани цел ноќ гасеа пожари во полскиот регион

Територијалната противпожарна единица од Кочани вчера попладне и ноќеска имаше рекордни 16 интервенции кај пожари на отворен простор, сите во полскиот регион на општините Кочани и Чешиново-Облешево.

Единицата, полн состав, непрекинато гасеше пожари на сите делови од Кочанско Поле, кое беше во пламен. Во доцните вечерни часови огнот стигна само на стотина метри од бензинската пумпа кај селото Чешиново, а пожарникарите со огромен напор спречија катастрофа.

– На магистралниот пат, помеѓу Облешево и Чешиново, огнот се спои од двете страни на полето, па имаше и застој во сообраќајот, поради што мораше да интервенира и полицијата. Од разбеснетиот пламен биле спасени и делови од оранжериите „Добра“. Освен тоа, гореше полето и кај селата Прибачево, Мојанци, Грдовци, Чешиново и Оризари. Само вчера изгореа 35 хектари, а оваа седмица околу 50 хектари земјоделски површини, истакна Благојчо Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Земјоделците не се откажуваат од нивните навики за палење на стрништата, а вчерашниот ветар дополнително ја усложни состојбата, па Единицата со сите расположливи човечки и технички ресурси гасеше неколку пожари одеднаш.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ги повикува надлежните институции да ги преземат соодветните мерки и да побараат одговорност од сите што ги доведуваат во опасност безбедноста, здравјето и животот на жителите не само на Кочани, туку и на поширокиот регион.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2020 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега