Голем пожар кој во текот на ноќта навлегол од косовска страна се шири во атарот на селото Грачани, а мирисот од чадот се чувствува и во делови од Скопје, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Пожарот има огнена линија подолга од пет километри. На терен се скопските пожарникари и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, кои се обидуваат да воспостават делумна контрола и да спречат загрозување на околните села. Според Ангелов, засега нема непосредна опасност за населените места.

Во Штипскиот регион, пожарот меѓу селата Пухче и Селце е делумно ставен под контрола. Критичен останува еден крак кон Селце на планината Серта. Во текот на ноќта огнот се приближил до викенд-куќи, но пожарникарите успеале да ги заштитат и нема повредени лица.

Командирот на ТППЕ Штип, Благој Ренџов, рече дека постојат информации и сведоштво дека пожарот бил подметнат, за што е известена и СВР Штип.

Пожарот на Пелистер е ставен под целосна контрола, но на одредени места сè уште има чадење и нови жаришта. Нови огнени точки се појавиле и на подрачјето на Студеничани, во атарите на Количани и Цветово.

Активен е и тежок пожар на границата меѓу општините Струга и Дебар, кај селата Луково и Буринец. Поради опасноста огнот да се приближи до населени места, утрово бил испратен армиски хеликоптер.

Во текот на вчерашниот ден во земјава биле регистрирани повеќе од 41 пожар на отворен простор.

Exit mobile version