Бројот на жртви од пожарот во Домот за стари лица во Тузла се искачи на 13, откако синоќа во болница почина уште една пациентка која беше хоспитализирана со тешки повреди.
По пожарот, во УКЦ Тузла беа примени вкупно 30 лица. Во моментов на лекување се уште 13 пациенти, од кои тројца се на Клиниката за анестезиологија и реанимација, при што еден е на респиратор. Шест пациенти се на Клиниката за белодробни заболувања, тројца на Клиниката за интерни болести и еден на Клиниката за урологија.
Обдукцијата на 11 од жртвите покажала дека смртта е последица на задушување, додека телото на едно лице било зафатено од огнот.
Во меѓувреме, истражната комисија откри бројни пропусти во работењето на установата. Утврдено е дека неподвижните лица биле сместени на највисоките катови, а во моментот на несреќата, за 185 корисници се грижел персонал од само три лица.
Директорот на Домот поднесе оставка, а се истражуваат и финансиското работење и управувањето со установата. Причината за пожарот сè уште не е утврдена.

