Петнаесет лица се повредени и примени во две скопски клиники по силното невреме што попладнево го зафати главниот град.

Девет од повредените биле прегледани на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), додека шест лица биле примени во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, за МИА изјави дека од деветте повредени, две лица се со потешки повреди. Една жена со повреда на главата е хоспитализирана на Неврохирургија, додека друга пациентка се здобила со скршеница на раката.

Шесте лица кои биле примени во Клиниката „Св. Наум Охридски“ имале посекотини и набиеници и биле третирани амбулантски. Директорот на установата, д-р Небојша Настов, за МИА изјави дека тројца пациенти по прегледот биле пуштени на домашно лекување, додека тројца се уште се во фаза на испитување.

„Сите се во стабилна состојба. Првично не оддаваат впечаток дека ќе бидат задржани на натамошно лекување. Еден пациент е повреден при пад на дрво и го закачиле гранките, еден е повреден од лим кој паднал од некој покрив, а еден е повредени од паднати керамиди“, додаде д-р Настов за МИА.

Од Градската општа болница „8 Септември“ информираат дека кај нив не биле примени повредени лица по невремето, но болницата претрпела значителна материјална штета.

Директорот на болницата, д-р Синиша Стојаноски, за МИА изјави дека точниот обем на штетата ќе биде познат по целосниот увид на терен и изготвувањето официјален записник.

„Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид“, додаде д-р Стојаноски за МИА.

Exit mobile version