Со цел зајакнување на локалниот економски развој и промоција на регионалните потенцијали, Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) ја промовираше новата веб-платформа: www.povardarie.mk. Повардарие со ова прави важен чекор кон позиционирање како препознатлива регионална дестинација на европската и светската мапа.

Формирањето на ДМО „Повардарие“ е резултат на долгогодишна поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“. Станува збор за прва меѓуопштинска соработка од ваков обем во Северна Македонија, во која дури 11 општини ги здружуваат своите капацитети за заеднички туристички, културен и економски развој.

Преку овој проект, Повардарскиот регион станува видлив и достапен за меѓународната јавност, овозможувајќи модерен пристап до туристичките и економските вредности на локалните заедници. Општините веќе ги препознаа придобивките од ваквата соработка, што се потврдува и преку нивната подготвеност за кофинансирање и инвестирање сопствени средства во долгорочната одржливост на иницијативата.

Општините ја согледаа предноста на оваа меѓуопштинска соработка и како механизам кој овозможува побрз развој и подобра искористеност на ресурсите преку веќе воспоставените функционални тела на организацијата. На овој начин, локалните власти на дело покажуваат дека се целосно подготвени стратешки да инвестираат во иднината на својот регион, што беше и една од целите за одржливост на програмата „ЕУ за општините“.

Веб-платформата овозможува централизирана презентација на туристичките понуди, локалните бизниси и настани, како и директна интеракција со посетителите. Таа е дизајнирана и како функционален и одржлив мост помеѓу јавниот и приватниот сектор, овозможувајќи им на локалните компании директно да објавуваат специјални понуди и да станат директни креатори на регионалниот развој. Ваквиот инклузивен пристап носи директни придобивки за самите граѓани преку отворање нови економски можности и подигнување на квалитетот на услугите.

Оваа веб-страница е поставена како долгорочна алатка која преку своите специфични функционалности ќе овозможи растечка промоција на локалниот туризам на транспарентен и ефикасен начин.

Во изминатите шест години, програмата „ЕУ за општините“ постигна мерливи и видливи резултати во зајакнувањето на капацитетите на локалната самоуправа во Северна Македонија. Формирањето на Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион е само еден од примерите како заедничките напори на Европската Унија и националните партнери во земјите-кандидати за членство во ЕУ создаваат конкретни и долготрајни резултати за доброто на целата заедница. Општини кои се дел од ДМО „Повардарие“: Богданци, Валандово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Дојран, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман и Чашка.

Повеќе информации за „ЕУ за општините:

Во изминатите шест години, ЕУ проектот „ЕУ за општините“ постигна значајни, мерливи и видливи резултати во зајакнувањето на капацитетите на локалната самоуправа во Северна Македонија. Обучени се 1.500 претставници од општините и планските региони, додека 27 обучувачи се (ре)сертифицирани, со што се обезбедува долгорочно јакнење на внатрешните капацитети на институциите на локално ниво.

Воспоставен е национален Helpdesk систем кој обезбедува континуирана поддршка, додека програмата директно ги поддржа сите 81 општина во државата, обезбедувајќи целосна национална покриеност и позитивен импакт. Дополнително, реализирани се 8 ЕУ-финансирани грант проекти од страна на општините кои носат конкретни и граѓански ориентирани резултати на локално ниво.

ЕУ за општините“, исто така, придонесе за зајакнување на регионалната соработка, преку поддршка на 11 општини во формирањето на Организацијата за менаџмент на дестинации (ДМО) во Повардарскиот регион. Паралелно, преку студиски посети и партнерства беа воспоставени врски со повеќе од шест земји членки на Европската Унија, вклучително Германија, Франција, Грција, Шпанија, Белгија и Латвија.

Во делот на поддршка за учество во ЕУ програми, постигнати се дополнителни значајни резултати. Вкупно 274 ЕУ-финансирани Интеррег проекти вклучуваат партнери од Северна Македонија (општини и плански региони), со поддршка обезбедена преку „ЕУ за општините“ во форма на обуки и практична експертиза. Дополнително, регистрирани се 78 Интеррег проекти од тип Б и Ц со учество на партнери од земјата, што претставува значителен напредок во споредба со состојбата од пред две години, кога вакви проекти не беа реализирани.

Покрај тоа, реализирани се и 88 прекугранични проекти со соседните земји, во кои учествуваат општини од Северна Македонија, дополнително зајакнати преку поддршката на „ЕУ за општините“ за подготовка на проекти и развој на регионална соработка.

Овие резултати потврдуваат дека поддршката на Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“ има суштинско влијание врз подобрување на административните капацитети, зголемување на учеството во ЕУ програмите и унапредување на локалниот развој во Северна Македонија.

За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте со Бојан Кордалов (Виш експерт за комуникации и видливост во рамки на Програмата „ЕУ за општините“) на eu4m.mk@eu4m.mk или 072/222-041 или со Тодор Ефремов, секретар на Општина Кавадарци (Контакт лице за ДМО Повардарие) на tefremov@kavadarci.gov.mk.

.

The contents of this press release are the sole responsibility of GOPA PACE as implementing partner of the Technical Assistance “EU for Municipalities” project and do not necessarily reflect the opinion of the European Union.

Со почит,

ТА „ЕУ за општините“

Exit mobile version