Во судницата во Идризово денеска продолжи судењето за пожарот во кочаниската дискотека „Пулс“, со сослушување на родителите на настраданите. Марија Петрушева, мајка на починатиот Андреј, низ солзи го опиша моментот кога во болницата во Кочани дознала за смртта на својот син.

Петрушева раскажа дека на болничките ходници владеел вистински ужас, каде гледала голем број повредени и настрадани деца. Кога го пронашла својот син, тој немал видливи изгореници, што кај неа разбудило надеж дека е жив.

„Изгледаше толку живо што не верував дека е мртов. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Тој испушташе некои необични звуци, мислев дека се враќа, мислев дека го оживуваме… Умот не ми даваше да се помирам“, сведочеше мајката.

Надежта згаснала кога дежурниот доктор потврдил дека Андреј, како и останатите три деца во болничката соба, веќе починале. Петрушева додаде дека нејзиниот преживеан син Кристијан ја пречекал со зборовите: „Мамо, не успеав да го спасам брат ми“.

Exit mobile version