Потпишан договор за соработка за заштита на сведоци помеѓу МВР и Меѓународниот Кривичен Суд

„Потпишувањето на Договорот за соработка во областа на заштита на сведоци помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Меѓународниот Кривичен Суд претставува продолжување на чинот на поддршка на Судот во борбата против најтешките форми на кривични дела. Дотолку повеќе што Република Северна Македонија го има потпишано Римскиот Статут во 1998 година и ратификувано во 2002 година, со кој е основан Меѓународниот кривичен суд, чија улога е фокусирана во борбата против најтешките форми на кривичните дела – геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и агресија“.

Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при денешното потпишување на Договорот за соработка во областа на заштитата на сведоци меѓу МВР на РСМ и МКС со седиште во Хаг (Холандија), а претставуван од Секретарот на оваа меѓународна правна инстанца г-динот Питер Луис, во Клубот на пратениците во Скопје.

Заштитата на најранливите категории на лица, односно жртвите и сведоците кои сакаат да помогнат во расветлувањето на кривичните дела и во изнесувањето на нивните сторители пред лицето на правдата е определба на секое демократско општество, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека МВР активно се вклучува во таа глобална борба против овие форми на кривични дела, кои преставуваат сериозна закана за човештвото, безбедноста и интегритетот на луѓето и заедниците.

Всушност со овој Договор се воспоставува правна рамка за соработка меѓу надлежните органи при МВР и Секретаријатот на МКС на оперативно ниво, а околу конкретизирање на мерките за заштита и безбедносните активности, преку релокација на жртви, сведоци и други лица кои се изложени на ризик заради дадено сведочење во склоп на постапките во Судот.

„Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ја има воспоставено и ја практикува меѓународната соработка во областа на заштита на сведоци врз основ на договори за полициска соработка, договори за соработка во областа на заштита на сведоци или врз основ на реципроцитет. Досегашното полициско искуство со земјите кои имаат релоцирано лица на наша територија е исклучително позитивно, со доследно и максимално почитување на довербата, професионалноста и утврдените одредби од склучените договори. Убеден сум дека, со потпишувањето на овој Договор, Одделението за жртви и сведоци при Меѓународниот кривичен суд ќе ја прошири својата соработка со нашата Единица за заштита на сведоци, ќе ги препознае и применува овие принципи на соработка во оваа исклучително специфична и чувствителна област на полициско работење“, потенцираше министерот Спасовски.

21.09.2021 - 11:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега