Најголема количина дожд во изминатите 24 часа, до утрово во седум часот, е измерена во Струмица и изнесувала 42 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Значителни врнежи се регистрирани и во Гевгелија со 36 л/м2, Пожар-Радовиш со 30 л/м2, Претор со 29 л/м2, Битола со 26 л/м2 и Крушево со 24 л/м2. Во Скопје, на Зајчев Рид наврнале 6 л/м2, а во Скопје – Петровец 8 л/м2.

Најстудено утрово било во Крушево, Маврови Анови и Лазарополе, каде се измерени 6 степени Целзиусови. Потоа следуваат Претор со 8°C, а 9°C се измерени во Берово, Крива Паланка, Прилеп и Битола. Во Скопје (Петровец и Зајчев Рид) измерени се 11 степени. Најтопло утрово било во Демир Капија со 14 степени.

Времето денеска се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. УХМР најавува дека наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни, со можност за наврнување на над 30 литри на метар квадратен за 24 часа. Постојат и услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од јужен правец.

Максималната дневна температура се очекува да достигне од 14 до 18 степени.

За Скопје синоптичарите предвидуваат претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во попладневните часови. Максималната температура се очекува да достигне до 17 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Exit mobile version