Постојано се тврди дека се многу здрави и дека немаат никакви несакани ефекти, но вистината е потполно поинаква

Сите речиси секојдневно учиме за намирниците и здравата исхрана како и бенефитите кои храната ги има за здравјето и изгледот.

Сепак, за некои работи постојано се тврди дека се многу здрави и дека немаат никакви несакани ефекти, но вистината е потполно поинаква.

Науката вели дека следните намирници и напитоци сепак можат да имаат свои последици:

Вода со лимон

Иако го поттикнува метаболизмот и го буди организмот, водата со лимон може да ги влоши тегобите предизвикани од желудочна киселина поради својата киселост, како и да ја оштети забната глеѓ. Стоматолозите препорачуваат да ја пиете лимоновата вода со сламка и по нејзиното консумирање да ја исплакнете устата со вода.

Суво овошје

Многумина ги заменуваат слатките со суво овошје бидејќи станува збор за поздрава варијанта, но и во нив има многу шеќери, а понекогаш и вештачки бои кои можат да остават флеки на забите. Освен тоа, сувото овошје може да го намали природното производство на плунка. Со оглед на фактот дека плунката помага во елиминирање на бактериите во устата, ако се намали нејзиното лачење, може да дојде до проблеми со оралното здравје.

Нискокалорична храна

Повеќе од 80 отсто од луѓето ја враќаат својата телесна тежина или барем дел од неа кога завршуваат со диета. Научниците веруваат дека виновник за тоа е нискокалоричната храна – кога внесувате помалку калории отколку што му е потребно на телото, метаболизмот се забавува. Таквата исхрана не содржи доволно протеини, што може да се одрази на мускулната маса. Наместо да броите калории, експертите советуваат да внимавате да внесувате доволно протеини и да почнете редовно да вежбате.

Зелено смути

Ова е тренд за кој веќе со години се верува дека е одличен по здравјето, но зеленото смути всушност не може да ги задоволи потребите на телото како што тоа го прават зеленчукот и овошјето во природен облик. Таквите сокови содржат мал број влакна кои се клучни за правилно варење и одржување на здравата телесна маса.

Кокосово масло

Иако има многу единствени квалитети, кокосовото масло е подобро да се користи поретко отколку секојдневно. Бидејќи е исклучително богато со маснотии, може да предизвика покачен холестерол и со самото тоа да го зголеми ризикот од појава на срцеви болести.

Намирници без глутен

Исхраната без глутен е важна за луѓето кои боледуваат од целијакија, но доброволното преминување на ваква исхрана иако не страдате од оваа болест може да го наруши здравјето. Најголем број намирници кои содржат глутен, содржат и бројни нутриенти важни за здравјето, а од друга страна храната без глутен знае да биде полна со шеќери и калории.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.01.2021 - 23:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега