Последни подготовки за подигнување на знамето на Македонија како 30. членка на НАТО

Пред седиштето на НАТО се прават последните подготовки за подигнување на знамето на Македонија како 30. членка на Алијансата. Во неделата Собранието го донесе Законот за одбрана, со кој се дефинирани обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, и со него се преминува од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вчера им се заблагодари на 80-те пратеници во Собранието кои гласаа за измените и дополнувањата на Законот за одбрана и му честита на поширокиот тим од МО и од Армијата, кој го изработи во изминатата година.

Со овој закон, појасни таа, се утврдени сите наши внатрешни механизми за практикување на членството во НАТО. Според Шекеринска, со Законот за одбрана ќе прејдеме од индивидуална одбрана, во системот на колективна одбрана, што е, потенцира, и најголемата видлива придобивка од членството во Алијансата.

Таа посочи дека со Законот за одбрана целосно е уредено како ќе се применува членот пет од Северноатлантскиот договор, познат како сите за еден, еден за сите, член што ги обврзува членките на Алијансата да се штитат едни со други и го гарантира духот на солидарност и колективна одбрана.

Пред седиштето на НАТО во Брисел, информира таа, се прави простор и се подигнува јарболот што го чека нашето знаме и прашање на денови е кога нашето знаме ќе стои рамноправно заедно со останатите 29-те знамиња на членките на Алијансата.

Обидите за манипулациите од страна на опозицијата во Собранието, оцени Шекеринска, не помагаа во последните денови, но беа тест, подвлече меѓу другото, да не дозволиме никакво алиби за да се спречи заедничката цел, членството во НАТО.

Не е точен аргументот дека опозицијата била против Законот за одбрана заради името на Армијата, затоа што пред само неколку недели и пратеници на ВМРО – ДПМНЕ гласаа за Законот за служба  во Армијата  на Република Северна Македонија, одговори Шекеринска на новинарско прашање дали единствениот аргумент за опозицијата која вчера на присуствуваше на гласањето за Законот за одбрана е тоа што се менува официјалното име на Армијата.

Таа додаде дека опозицијата не можела да најде ниту еден полуаргумент да се спротивстават на носењето на Законот за одбрана.

Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску, на својот Твитер профил го поздрави донесувањето на Законот за одбрана вчера во Собранието.

– Го поздравуваме донесувањето на на Законот за Одбрана во Собранието на Република Северна Македонија. Ова е важна област од реформите за државата која се подготвува да се приклучи на НАТО како полноправна членка, напиша Лунгеску на Твитер.

Во исто време, во интервју за ТВ „Телма“, заменик помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Џејмс Апатурај рече дека назадувањето со Договорот од Преспа ќе има негативни последици што никој не треба да ги потценува.

– Штом Северна Македонија влезе во НАТО, таа е членка на НАТО. Сметам дека тоа треба да биде многу јасно. Тој пат, тој воз ја напушти станицата. Но и покрај тоа, мислам дека има две вистински импликации ако има некакво назадување. Едната е многу значајна – политичка импликација во рамки на оваа Организација, бидејќи секако пристапувањето беше засновано на многу важното решавање на прашањето за името. Но, исто така, ќе кажам дека ќе има политичка цена, зборувам за нас, не зборувам во име на ЕУ, но тоа е суштински елемент на прогресот на Северна Македонија кон ЕУ. И мислам дека никој не треба да ги потцени негативните последици ако има назадување од Договорот за името. Сметам дека патот на кој Северна Македонија е сега со Преспанскиот, со Договорот за името, ги покажува сите резултати кои ги очекувавме – членството во НАТО и се надевам, и очекувам исто така, напредок и кон членството во ЕУ, порачува Апатурај. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2020 - 08:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега