Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, еден од обвинетите за трагедијата во дискотеката „Пулс“, на денешното рочиште изјави дека е невин и дека уште во 2012 година испратил допис до Министерството за економија со барање за информација за дозволите за објектот, но никогаш не добил одговор.

Димитровски пред судот посочи дека, иако немал директна надлежност, тој е „единствениот во Македонија кој го направил тоа“.

„Кога дознав дека ќе се отвора дискотека, се обратив до Министерството: ‘Ве молиме да не информирате дали му е издадена или ќе му биде издадена дозвола’. Јас сум единствениот во Македонија кој го направил тоа, иако немав надлежност. До денес не добив одговор,“ рече Димитровски.

Тој додаде дека на 5 ноември 2012 година Општината го известила сопственикот Дејан Јованов дека парцелите околу објектот не смеат да се користат за паркинг, бидејќи тоа не било предвидено со Деталниот урбанистички план (ДУП).

Од друга страна, Обвинителството во обвинителниот акт го товари Димитровски за пасивност и „Тешки дела против општата сигурност“.

Според обвинението, Димитровски во периодот од 2009 до 2017 година знаел дека дискотеката „Пулс“ работи спротивно на ДУП, бидејќи се наоѓала во зона предвидена за лесна индустрија. Се тврди дека наместо да преземе мерки, тој:

  • Не наредил инспекциски надзор.
  • Не ги информирал Државниот завод за статистика и МВР дека објектот работи незаконски.
  • Обвинителството дополнително тврди дека Општината продолжила да наплаќа такса од 4.000 евра за вршење дејност, иако дискотеката немала дозвола.

Поранешниот градоначалник останува на ставот дека е невин и прашува: „Каква правда може да се очекува ако се изостави некој кој требало да биде обвинет, а се гонат луѓе кои не се виновни?“ Судењето продолжува со изведување докази.

Exit mobile version