ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против Ф.А.(62) од с. Зајас, А.Н.(38) од с. Србица, Х.Б.(37) од с. Црвевци и Б.С.(36) од с. Стрелци, за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Првопријавениот Ф.Д., во својство на градоначалник на Кичево, во периодот од 2021 до 2025 година, свесно и со умисла, постапил спротивно на одредбите од Законот за работни односи и непостапувајќи согласно Законот за локална самоуправа, склучил договор за вработување со останатите пријавени лица. Потоа, со пропуштање на должен надзор, свесно им дозволил да не доаѓаат на работа и да им бидат исплаќани плати, други надоместоци и придонеси од општинската каса и по истекот на законскиот рок не им го прекинал работниот однос.

На тој начин, Ф.Д. во посочениот временски период, го оштетил буџетот на општина Кичево во износ од 130.000 евра и дозволил другите пријавени лица да се стекнат со материјална корист, од кои, секој засебно и на своја сметка, примиле различна сума пари иако знаеле дека се добиени по сторено казниво дело.

Exit mobile version