Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, попладнево е спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје, каде треба да биде изведен пред судија на претходна постапка.

Спроведувањето следува по официјалното барање од страна на Обвинителството за определување мерка притвор за него и уште три лица, поради сомнеж за злоупотреба на постапката за јавна набавка, како и за примање и давање поткуп.

Истрагата, која беше отворена по пријава од Управата за финансиска полиција, покрај Богоев ги опфаќа и поранешниот помошник-директор С.М., овластеното лице во фирмата Д.Г., како и вработениот А.С.

ОЈО ГОКК соопшти дека се обезбедени доволно докази за сите четири инволвирани лица и затоа се бара нивно ефективно притворање со цел непречено водење на целата кривична постапка.

„На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание. Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари“, соопштија од ЈОРСМ.

Според доказите со кои располага обвинителството, првоосомничениот ја искористил директорската позиција за да влијае врз тендерот, додека помошник-директорот вршел притисок врз другите фирми за да се повлечат од завршната фаза.

„Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание. Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени“, посочија од Обвинителство.

Судијата на претходна постапка во текот на денот треба да донесе одлука дали на Стефан Богоев и на останатите осомничени ќе им биде одредена мерка притвор.

Exit mobile version