Британскиот конзервативец, поранешен министер и телевизиски водител Џејкоб Рис-Мог ги повика британските граѓани да бидат подготвени да ја бранат својата земја доколку избувне војна во наредните години, предупредувајќи дека во такви околности поединци би можеле да бидат принудени да ги жртвуваат своите животи.

Рис-Мог, поранешен пратеник и министер за бизнис, енергетика и индустриска стратегија, во видео обраќање истакна дека не треба да се исклучува можна војна.

„Не е невозможно да се соочиме со војна во следните неколку години. Ако тоа се случи, ќе ни требаат луѓе кои сакаат да се приклучат на вооружените сили, да излезат и да ја извршат својата должност“, рече тој.

Тој додаде дека одбраната на земјата понекогаш бара крајна жртва.

„Може да има дури и околности каде што луѓето мора да умрат за да ја спасат својата земја, како што се случи во Првата и Втората светска војна и во многу други војни пред и по нив“, нагласи поранешниот министер, додавајќи дека ако луѓето не се подготвени да ја извршат својата должност, друга земја ќе ја преземе државата.

Изјавите доаѓаат во време кога шефот на британските вооружени сили, Ричард Најтон, најави нов план за подготвеност на општеството, а владата планира зголемување на воениот буџет од 54 на речиси 80 милијарди фунти до 2029 година. Во исто време, податоците од анкетата на „Галуп Интернешнл“ што ги објави „Економист“ покажуваат голем јаз во Европа, каде околу една третина од граѓаните одбиваат да се борат, со највисок процент во Италија од 78 отсто, додека поголема подготвеност има во северна и источна Европа.

Exit mobile version