Поради дождот има одрони на овие места - возачи бидете внимателни!

Во поширокиот дебарски регион снег има на планините, а поради дождот, присутен во изминатите денови има појава на мали одрони на влажните коловози, поради што се препорачува внимателно возење.

Екипи на дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта се постојано на терен во расчистување на одроните и сообраќајот се одвива без проблеми.

-Од петти месецов работиме со постојано дежурство, со комплетни екипи и потребната механизација. Нашите екипи се постојано на терен во расчистување на помалите одрони од коловозите. Поради одроните влажните коловози апелираме на внимателно возење и строго почитување на сообраќајните правила и прописи, изјави за МИА, Деар Лиманоски раководител на секцијата.

Посочи дека во моментов на патните правци кои се под надлежност на секцијата нема снежни врнежи и нагласи дека располагаат со доволна количина абразивен материјал и соодветна механизација.

-Во нашиот пункт, лоциран во селото Долно Косоврасти моментно имаме резерва од 250 тони сол и 200 кубни метри ризла, што сметаме дека е доволно за одржување на патиштата кои се под наша надлежност. Но, доколку има потреба, ќе набавиме дополнителни количини. Исто така располагаме и со потребната механизација, рече Лиманоски.

Под надлежност на секцијата се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ поширокиот дебарскиот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони.

Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

26.11.2021 - 11:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа