Поповски- Тимоние: Клучна определба на оваа Влада е целосната слобода и независност на медиумите

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата, Роберт Поповски, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние на која разговараа за заложбите на оваа Влада за целосна слобода и независност на медиумите особено во предизборниот период.
Францускиот амбасадор изрази надеж дека претстојните избори ќе се одржат во фер и демократска атмосфера и дека тоа е особено важно во пресрет на најавите за добри вести за Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Амбасадорот Тимоние исто така подвлече дека атмосферата во Париз по ова прашање е многу подобра и дека со заедничка работа со овдешните политички чинители ќе бидат постигнати резултати, како прилог на заложбата на Франција за што побрза интеграција и напредок на земјите од Западен Балкан.
Амбасадорот Тимоние истакна дека ги цени напорите за целосна транспарентност на оваа Влада. Тој истакна дека има подобра атмосфера и во областа на медиумите и изрази надеж дека во наредниот период ќе се надмине големата политичка поларизација во оваа сфера за сметка на професионалноста.
Министерот Поповски информираше дека оваа Влада постигна извонредни резултати на полето на транспарентноста – од последното место на кое се наоѓаше по ова прашање во 2017 година, таа сега се наоѓа на прво место меѓу шесте земји од регионот.
„Наша цел е Владата на Република Северна Македонија да биде подеднакво транспарентна како владите на државите во Европската Унија, особено во поглед на криминалот и неговото обелоденување. Издејствувавме и максимална транспарентност на трошоците на сите министри и директори на Јавните претпријатија до најмал детал. Исто така, ние сме единствена Влада во Југоисточна Европа која секоја буџетска трансакција ја стави на увид на граѓаните“, подвлече Поповски.
Околу финансирањето на медиумската изборна кампања, Поповски истакна дека власта и опозицијата ќе имаат подеднаков број на минути за закуп на простор за кампањата.
Министерот Поповски истакна дека по углед на европските влади и Владата на Македонија гради стратегија за давање директна поддршка на печатените медиуми и тоа во износ од 50% од трошоците за печатење и 50% од трошоците за дистрибуција за медиумите што се печатат на македонски јазик и во износ од 70% за медиумите што се печатат на јазиците на помалите заедници со што Владата го стимулира нивниот медиумски развој.
Во поглед на работата на порталите и социјалните мрежи, Владата ги следи насоките на Европската Комисија и ја поддржува саморегулацијата на новинарските здруженија.
Во таа насока е поздравена иницијативата на Здружението на новинарите и на Советот за етика во медиумите за листа на професионални медиуми во државата, со надеж дека оваа иницијатива ќе помогне за зајакнување на професионалноста на овие медиуми, како и од аспект на нивната одржливост на медиумскиот пазар.
Поповски го подвлече и значењето на усвојувањето на Стратегијата за справување со лажните вести подвлекувајќи дека оваа Влада посветува особено внимание на подигнување на нивото на медиумска писменост на граѓаните која е во план да се вгради и во образованието.
 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.02.2020 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега