Поповски од Лондон: Наша главна цел останува професионално, квалитетно, новинарство

 Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на Република Северна Македонија. Новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ, изјави на вториот ден од Меѓународната конференција за слободата на медиумите во Лондон, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.

Конференцијата, посочи министерот Поповски во своето обраќање во рамките на Националните изјави, покажа дека демократиите беа сведоци на растечките закани коишто произлегоа од ширењето на дезинформации и онлајн пропагандистички кампањи, вклучувајќи и координирани напори од голем размер за потиснување на внатрешните демократски процеси.

– Република Северна Македонија во последниве години го доживеа овој феномен како една од целите на сензационализмот, недостојни медиумски содржини и лажни вести, изјави Поповски.

Нагласи дека Северна Македонија целосно ја почитува слободата на говорот и на медиумите, гарантирани со повелбите за човекови права.

– Донесовме законска регулатива за транспарентна постапка за избор на Совет на јавни радиодифузни служби и Советот на Агенцијата за медиуми, којашто гарантира реформа, независност од која било партија и ослободена од какво било влијание. Формиран е професионален владин сектор за комуникација, како комплетен, 24-часовен сервис за новинарите и граѓаните. Без предрасуди и комплекси, како и нашите програмски политики, ние се отворивме за јавноста, изјави Поповски.

 

Тоа не останало незабележано, и продолжи Поповски, Владата на Република Северна Македонија е прогласена за најотворена меѓу владите во регионот во 2017-та година, за разлика од последното место во 2016-та година.

 

– Го ослободивме медиумскиот простор и гарантиравме целосна слобода на медиумите без никаков притисок. Се определивме за нулта толеранција за напади и насилство врз новинарите и медиумските работници. Даваме целосна поддршка за само регулација и почитување на професионалните и етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите. Медиумското образование е исклучително важно, имајќи предвид дека медиумите и информативната писменост се клучен фактор кој им овозможува на поединците да ги следат медиумите на сопствен начин, истакна Поповски, информираат од владината прес-служба.

Владата, посочи Поповски во своето обраќање, целосно ги поддржува и се обврзува дека ќе ги имплементира препораките вклучени во Глобалната заложба за слободата на медиумите прифатени од учесниците на Конференцијата за слобода на медиумите.

– Во име на Владата на Република Северна Македонија, силно го поздравувам Фондот за одбрана на слободата, инициран од ОН, посебно посветен на Слободата на медиумите. Тој ќе се користи за поддршка за широк спектар на проекти за слобода на медиумите низ целиот свет. Го поздравуваме Планот за акција на ОН за безбедност на новинарите и прашањето на неказнување. Сметаме дека тој поставува сеопфатен сет на препораки за акција за промовирање на слободна и безбедна средина за новинарите и медиумските работници, подеднакво во конфликтни и во не-конфликтни ситуации, изјави Поповски.

Министерот Поповски, како што информираат од владината-прес служба, учествувал на тркалезна маса „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 – одржување на влијанието“, на која било дискутирано за иницијативите од конференцијата и можностите за мултиралетарална соработка, како и за формирање на коалиција којашто ќе ги следи случувањата во секоја земја на полето на безбедност на новинарите. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.07.2019 - 19:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега