Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција изнесе серија обвинувања за начинот на кој власта се справува со кризата со водоснабдувањето во Гостивар и упати апел до обвинителот Савевски веднаш да отвори постапка.

Таа посочи дека институциите со недели давале контрадикторни изјави, додека граѓаните се соочувале со сериозни здравствени проблеми.

„Министерот Клековски конечно прозборе, призна дека во водата во Гостивар имало ‘многу различни бактерии и вируси’. А премиерот Мицкоски ги уверуваше граѓаните дека водата е технички исправна. Како Владата ги уверуваше граѓаните дека водата е исправна и може да се користи како ‘техничка’? Никогаш не беше објавена анализа, кој потпишал, кој дозволил. Поминаа 4 недели и никој не одговара за труењето со вода во Гостивар. Граѓаните чекаат. А Обвинителството сè уште молчи. До кога? Да не е обвинителот Савевски на екскурзија исто така?“, изјави Поповиќ.

Поповиќ презентираше 10 точки кои, според СДСМ, претставуваат конкретни факти за постапување на обвинителството:

„1. Загадувањето на водата во Гостивар започнало на 25 јуни.

2. Првите случаи со симптоми на труење биле регистрирани на 13 јули по што и по 200 нови случаи дневно.

3. Пет дена никој не реагирал и не презел ништо. Првите препораки биле објавени на 18 јули!

4. А три дена пред да се објави дека водата е загадена Центарот за јавно здравје Тетово издал извештај дека водата е безбедна за пиење. Значи 22 дена граѓаните на Гостивар се труеле со загадена вода со фекалии. Резултатот, 4.700 граѓани отруени.

5. На 23 јули, премиерот Мицкоски најавува ‘техничка вода’ за користење, а до крајот на таа недела и вода за пиење. Потоа Тошковски рече дека се врши хиперхлорирање на водата и стана експерт за анализа на вода.

6. Четири дена по најавата на Мицкоски, на 27 јули, Тошковски јавно ќе соопшти дека ‘Гостивар доби техничка вода’ која може да се користи за капење, но не и за пиење.

7. Никогаш не беше објавен документ, анализа на водата, кој одобрил, кој потпишал, дека водатата може да се користи како техничка.

8. На 3 август, значит после цела недела од изјавата на Тошковски, Стојанче Ангелов ќе објави дека во водата во Гостивар има бактерија. Па како им кажаа на луѓето дека може да ја користат водата техничка за капење и миење ако има бактерија? Тотален хаос и распад.

9. Вчера, на 7 август Клековски ќе соопшти дека во водата во Гостивар имало ‘многу различни бактерии и вируси’. Клековски минатата недела најавуваше дека водата наскоро ќе биде за пиење. Сега е полна со бактерии. Не една – туку многу различни.

10. Илјадници луѓе се отруени. Речиси 5.000 луѓе завршија по болници“, истакна Поповиќ.

На крајот од прес-конференцијата, Поповиќ заклучи дека сите документи се подготвени за соодветните органи.

„Еве ги фактите. Се му е спремно на Савевски, па кога ќе се врати од екскурзија еве го чека, нека постапува“, порача таа.

Exit mobile version