Попишани над милион граѓани, ДЗС тврди дека нема бојкот

Вкупно 1.037.309 лица, 323.286 домаќинства и 438.705 станови се попишани заклучно до 19 септември, до 20 часот. Можноста за самопопишување на лица во странство досега ја искористиле – 193.370 лица.

Од Државниот завод за статистика (ДЗС) за МИА потврдуваат дека граѓаните масовно се попишуваат, а бројките за наводни одбивања за попишување се измислени, целосно неточни и немаат никаков допир со реалноста.

– Дури и кај изолираните случаи на граѓани кои во прв момент не се попишале, подоцна при последователните контакти ја оствариле својата обврска и дале свој придонес и учество во пописот, посочуваат од Заводот.

Од ДЗС информираат дека казни не се пишуваат, бидејќи за тоа нема потреба. – Попишувачите и граѓаните на терен соработуваат одлично, додаваат од Заводот во одговорот за МИА.

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев е убеден дека пописот успешно ќе заврши, наспроти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој смета дека има проблеми.

Заев вчера порача и да не избрзуваме и изрази благодарност до граѓаните кои учествуваат и верува дека така ќе биде и до самиот крај. Упати комплименти до сите попишувачи, до Државниот завод за статистика и до сите стручни луѓе кои работат внатре, до македонски Телеком, до ИТ експертите од државните институции кои се вклучени да помогнат…

-Системот, како што знаете е сериозно нападнат од хакери. Тоа го знаеме сите. Секако работат повеќе од пет илјади попишувачи и тука истрагата не може да даде конкретен резултат, важно е што се ставаат соодветни блокади и досега пописот продолжува успешно да функционира, изјави Заев.

Според Мицкоски, апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше. -Пописот има многу проблеми и тоа Заев го знае. Апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше и попишувачите на терен не можеа да ја користат 24 часа. Тоа е факт, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

21.09.2021 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега