Наскоро ќе започне и официјалното казнување преку системот „Безбеден град“, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој појасни дека системот наскоро ќе биде целосно адаптиран, а јавноста навремено ќе биде известена пред да почнат да пристигнуваат „честитките“ за прекршоците.
Тошковски одговори и на дилемите во јавноста зошто камерите реагираат точно на 50 км/ч, а не постои толеранција до 57 км/ч.
„Целта ни е да управуваме во рамки на дозволената брзина. На брзина од 30 км/ч – од 10 повредени лица гинат две, на брзина од 50 км/ч – од 10 повредени лица гинат осум, според светска статистика. Затоа повторно напоменувам, доколку ги почитуваме законите, спасуваме животи“, истакна министерот.
Во однос на 120-те нови возила промовирани денеска, тој појасни дека тие нема да бидат дел од „паметниот систем“ за автоматско казнување на погрешно паркирање, туку ќе служат за редовни полициски задачи.

