Помала излезноста до 17 часот денеска во однос на парламентарните избори во 2016 година

Излезноста до 17 часот на денешните предвремени парламентарни избори изнесува 38.78 отсто, според обработените податоци на Државната изборна комисија.

Во споредба со последните парламентарни избори во 2016 година кога одѕивот до 17 часот бил 60,41 процент, сега излезноста е помала за 21,63 проценти. Во однос на минатогодишните претседателски избори, сега за 0,59 проценти има поголема излезност до 17 часот.

Четвртата изборна единица сега има највисока излезност од 43,99 проценти, а Шестата изборна единица и понатаму останува со најниска излезност од 29,6 проценти.

Во Првата изборна единица излегле 127.007 гласачи или 41,07 проценти, во Втората 118.270 гласачи или 36,98 проценти, во Третата 122.182 гласачи или 43,87 отсто и во Четвртата 43,99 проценти или 124.276 гласачи. Во Петтата изборна единица на гласање излегле 120.184 гласачи или 38,33 отсто, а во Шестата 91.678 гласачи или 29,6 проценти.

Висока излезност во Првата изборна единица има во Аеродром, Карпош, Кисела Вода и Центар, а во Втората во Бутел, Ѓорче Петров и Куманово.

Во Третата изборна единица во повеќе општини има солидна излезност, како на пример во Крива Паланка каде одѕивот е 58,7 проценти, по што следуваат Берово, Лозово и Македонска Каменица.

Во Четвртата изборна единица висок одѕив има во Дојран, Демир Капија, Прилеп и Струмица, а во Петтата во Битола, Кичево, Крушево, Охрид, Струга и Ресен.

Во Шестата изборна единица поголема е излезноста во Тетово во споредба со Гостивар, а од помалите општини највисок одѕив има во Јегуновце.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.07.2020 - 19:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега